За потпишување на декларацијата како поединец, кликнете тука.
Водечки принципи за отворената наука
Отвореноста на целиот процес е една од фундаменталните вредности во науката и истражувањето. Принципите и практиките за отворена наука помагаат во унапредување на ефикасноста и ефективноста на истражувањето, како во истражувачката заедница така и во поширокото општество. Практиките за отворена наука овозможуваат отворена, широка употреба на резултатите од истражувањето, податоците, методите и инфраструктурите со што се зголемува влијанието и мобилноста на знаењето здобиено со истражувањето што, од друга страна, пак, го дополнува општественото знаење и поттикнува нови иновации. Квалитетот и транспарентноста на истражувањето може само да се зголемат како резултат на отворениот пристап, вклучувајќи ги резултатите, податоците, методите и публикациите. Со помош на отворената наука сите чинители во општеството ќе добијат еднаков пристап до ова знаење.
Амбиции за отворена наука
Согласно Европската комисија, со имплементација на отворената наука треба да се постигнат 8 цели, и тоа:
- Отворени податоци: Споделувањето на FAIR (Findable, Accessible, Interoperable and Re-usable) – Пронајдливите, Достапните, Интероперабилните и Повторно искористливите податоци ќе биде основна форма на научна соработка која ќе ја финансира Европската комисија.
- European Open Science Cloud (EOSC): – Европскиот Облак за Отворена Наука, како федеративен екосистем на истражувачки податочни инфраструктури ќе им овозможи на истражувачките заедници да ги споделуваат и обработуваат истражувачките резултати финансирани од јавни средства надвор од границите на своите држави и/или своите научни полиња.
- Нова генерација на метрики: Нови индикатори ќе ги дополнат постојните индикатори за мерење на квалитетот и влијанието на научните истражувања, со кои ќе се даде поголемо значење на практиките на отворената наука.
- Иднина на научната комуникација: Сите рецензирани научни трудови треба да бидат слободно достапни, а дополнително треба да се стимулира и раното споделување на различните форми на истражувачки резултати.
- Награди: Напредувањето во научните кариери на истражувачите треба во целост да ги поддржува активностите од отворената наука.
- Интегритет на истражувањето: Сите јавно финансирани истражувања во Европската Унија треба да ги почитуваат заедничките прифатените стандарди за интегритет.
- Едукација и вештини: Сите истражувачи во Европа треба да се стекнат со соодветните вештини и да имаат пристап до едукација за принципите на отворената наука.
- Граѓанска наука: Целокупната јавност треба да може да даде значаен придонес и да биде признаена како валиден научен автор во Европа.
Мисија на отворената наука
Отворената наука и истражување да се интегрираат во секојдневната работа на истражувачите и да поддржуваат висококвалитетното ефикасно истражување преку:
- Промоција на отвореноста како фундаментална вредност на истражувачката заедница
- Зајакнување на општественото знаење и можности за иновација
- Подобрување на квалитетот на научните и уметничките истражувачки резултати и нивното влијание во општеството
- Зајакнување на врските помеѓу истражувачите и истражувачките тимови, интердисциплинарноста, помеѓу истражувањето и едукацијата, помеѓу истражувачите и приватниот и јавниот сектор, како и помеѓу истражувачите и граѓаните.
Имплементација на отворена наука преку
Отворени публикации и податоци
Научните публикации (трудови, книги, извештаи и слично) за кои е добиено финансирање од јавниот сектор треба да бидат отворено достапни за секого од кој било дел од светот за консултација и повторна употреба.
Истражувачите треба да бидат во можност, таму каде што тоа е дозволено, да можат повторно да ги употребат истражувачките податоци и да можат да ги разменат своите истражувачки податоци на лесен и едноставен начин со користење на договорени стандарди и методологии.
Поддршката за мултидисциплинарно и повеќејазично истражување е од големо значење за општеството и затоа истражувачите треба да имаат отворен, еднаков и бесплатен пристап до публикациите и истражувачките податоци. Управувањето со истражувачките податоци треба да се води брз база на FAIR принципите за податоци.
Отворени сервиси и инфраструктури
За поддршка на отворената наука потребни се и соодветни отворени сервиси и инфраструктури. При тоа, покрајпостојните, особено важно е да се имплементира идна инфраструктура која ќе овозможи целосна имплементација на принципите на отворената наука во сите области на истражувачките активности преку адекватни сервиси за истражувачите.
EOSC Декларацијата, потпишана на 10.07.2017 во Брисел, ја започна иницијативата и планот за трансформација на европското истражување преку развој на сервиси и инфраструктура за поддршка на отворената наука. EOSC е замислен како единствена дигитална платформа која треба да им понуди на истражувачите пристап до сите сервиси потребни за поддршка на развојот на отворената наука во текот на целиот истражувачки процес. Активностите за имплементација на принципите за отворена наука треба да помогнат во поддршката, развојот и имплементацијата на EOSC иницијативната преку воспоставување на дијалог помеѓу истражувачите, давателите на услуги и фондовите за истражување.
Заедничка декларација за истражувачката заедница во Северна Македонија
Истражувачката заедница во Северна Македонија се состои од повеќе чинители:
- Индивидуални истражувачи
- Кандидати за докторски студии
- Истражувачки организации како универзитети и институти заедно со нивните истражувачи и истражувачки тимови
- Академии и научни одбори и комитети
- Организации и тела кои нудат фондови за истражување како Министерството за наука и образование и Фондот за иновации
- Даватели на услуги кои развиваат инфраструктура за отворена наука
- Истражувачки библиотеки и архиви
- Целокупното општество
- Издавачи на истражувачки резултати
- Компании кои се занимаваат со иновација и истражување
- Креатори на политики и легислатива за наука и истражување, како Министерството на образование и наука и Владата на државно ниво, но и сенатите на универзитетите / претседателствата или советите на институциите
Оваа Декларација за отворена наука и истражување во облакот е отворена за сите чинители кои и припаѓаат на истражувачката заедница во земјата со цел да се промовира отвореност на национално ниво. Со прифаќање на Декларацијата за отворена наука и истражување, членовите на истражувачката заедница на Северна Македонија го искажуваат својот индивидуален или институционален интерес да ги промовираат целите на отворената наука во нивната организација и да учествуваат во ширењето на тие принципи на национално ниво.
Целта на оваа заедничка Декларација е да се поддржува и истакнува отвореноста како фундаментална вредност за подигнување на квалитетот на истражувањето и автономијата на истражувачите. Принципите и практиките за промоција на отвореност нудат простор за развој на науката и истражувачите на независен начин. Независните истражувачки заедници на тој начин можат потесно да се поврзат со остатокот од општеството и да влијаат на неговиот развој.
Националната иницијатива за отворена наука во облакот има за цел и градење на партнерство со Министерството за образование и наука за придонес кон изработката и надградувањето на националната легислатива и вградување на принципите на отворената наука во неа.
За потпишување на декларацијата како поединец, кликнете тука.